за

Jaguar ги објави цените за новиот XE: Старт од 27.000 фунти

Марката со дивата мачка во логото ги објави цените за новиот конкурент на Audi A4 и серијата 3 на BMW. Во основната верзија со дволитарски бензинец со 200 КС и автоматски менувач, XE чини околу 34.600 евра.

Познати се цените на најголемата ѕвезда во средната класа на салонот во Париз, покрај новите генерации на старите волци Volkswagen Passat и Ford Mondeo. Враќањето на Jaguar меѓу лимузините од средната класа е потег што мора да се повлече внимателно, не само поради острата конкуренција и големите имиња, туку и поради фактот што последниот модел Jaguar X-Type не се прослави особено, како скапа и несолидна копија на достапниот и солиден Mondeo.

Во најчувствителното поле – цените, дури и кај марките од премиум сегментот, засега се чини дека работите се погодени одлично. Основната моделска изведба со дволитарски бензинец од новата генерација, со турбонатполнење и 200 КС, во комбинација со осумстепен автоматски менувач како стандард и почетно ниво на опрема SE, чини 26.995 фунти на британскиот пазар, односно околу 34.600 евра. Во цената е вклучен британскиот ДДВ во висина од 24%, па врз основа на тој податок би можело да се изведе и приближната цена на моделот на нашиот пазар.

Освен со дволитарскиот турбо бензинец, XE во ова ниво на опрема е достапен и со дволитарскиот дизел со 163 КС (ca. 38.220 евра), односно со 180 КС (са. 40.500 евра). Стандардното ниво на опрема SE опфаќа двозонска автоматска клима, навигациски и мултимедиски систем со дисплеј од 8 инчи, темпомат, алу-бандажи од 17 инчи, мултифункциски волан обложен со кожа, електрична паркирна сопирачка, избор на четири програми на чувствителност на управувањето и педалот за гас, како и стартување на моторот преку копче. Преку апликација за мобилен телефон може далечински да се контролира климата во кабината, да се провери нивото на гориво или дали возилото е заклучено.

Второто ниво на опрема е Prestige и чини точно 1.000 фунти, односно околу 1.280 евра повеќе од основното. Во ова ниво на опрема дополнително следуваат кожени седишта со грејачи, амбиентално осветлување и урасни детали во кабината изведени во алуминиумски финиш. Најлуксузното ниво е Portfolio, за кое што дополнително е достапен и дволитарскиот бензинец со 240 КС, со кожа со врвен квалитет за ентериерот, озвучување Meridian, биксенонски светла со диодни дневни светла, електрика за местење на седиштата со меморија и алу-бандажи од 18 инчи. Во верзија со дизел со 163 КС, Jaguar XE во нивото на опрема Portfolio чини 32.975 фунти, односно околу 42.300 евра.

Следат задолжителните спортски модели, R-Sport и S. Првото вклучува кожени седишта со грејачи, посебен финиш за алуминиумските украсни панели, спортски волан, заден спојлер, хромирани детали на каросеријата, спортско подвозје, биксенонски светла со диодни дневни светла, сјајно црна рамка за прозорците и алу-бандажи од 18 инчи во две бои. Повторно на пример на дволитарскиот дизел со 163 КС, Jaguar XE R-Sport чини околу 41.500 евра. Врвното спортско ниво S е резервирано за трилитарскиот V6 со механички компресор и 360 КС, како врв во актуелната понуда на Jaguar XE. Цената на овој модел во најдостојното спортско светло за британската традиционална марка изнесува 44.870 фунти, односно 57.600 евра.

Со повлекувањето на увозникот Маккар од македонскиот пазар во мај, заминаа и двете британски марки Jaguar и Land Rover. Околу идниот увозник уште не постојат потврдени информации. Во продолжение се британските цени на сите моделски изведби на Jaguar XE, наведени во британски фунти и со ДДВ од 24 проценти:

XE SE
2.0 163PS 6-speed manual 29,775.00
2.0 163PS 8-speed automatic 31,525.00
2.0 180PS 6-speed manual 30,275.00
2.0 180PS 8-speed automatic 32,025.00
2.0 200PS 8-speed automatic 26,995.00

XE PRESTIGE
2.0 163PS 6-speed manual 30,775.00
2.0 163PS 8-speed automatic 32,525.00
2.0 180PS 6-speed manual 31,275.00
2.0 180PS 8-speed automatic 33,025.00
2.0 200PS 8-speed automatic 27,995.00

XE R-SPORT
2.0 163PS 6-speed manual 32,325.00
2.0 163PS 8-speed automatic 34,075.00
2.0 180PS 6-speed manual 33,025.00
2.0 180PS 8-speed automatic 34,775.00
2.0 200PS 8-speed automatic 29,745.00
2.0 240PS 8-speed automatic 33,095.00

XE PORTFOLIO
2.0 163PS 6-speed manual 32,975.00
2.0 163PS 8-speed automatic 34,725.00
2.0 180PS 6-speed manual 33,675.00
2.0 180PS 8-speed automatic 35,425.00
2.0 240PS 8-speed automatic 33,745.00

XE S
3.0 340PS 8-speed automatic 44,870.00

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Спектакуларно пристигнување на Land Rover Discovery Sport во Париз

Конечно изглед каков што доликува за бикот: Ова е Lamborghini Asterion