за

Сите новитети на Kia во Париз (1): Sorento

Kia Sorento

Третата генерација на големиот теренец на Kia ќе дебитира покрај Сена, со повисок комфор, поголема возна динамика, квалитетна изработка и преработени бензински и дизелски мотори.

Новиот Kia Sorento ќе има европска премиера пред публиката во Париз. Третата генерација на успешниот модел на Kia настапува со попрефинет стил, зголемена практичност и напредна технологија. „Уличниот волк“, како што куќните дизајнери го нарекоа новиот Sorento, нуди и повеќе простор во кабината, како и неколку новитети во опременоста.

Каросеријата на динамичниот теренец во новата генерација е подолга за 95 mm (сега 4,78 m), додека покривот е понизок за 15 mm и ширината зголемена за 5 mm. Во дизајнирањето на каросеријата учествуваа заеднички трите центри за дизајн на Kia во корејскиот Намјанг, како и во Франкфурт и во Ирвајн, Калифорнија. За ентериерот, пак, беше задолжен единствено центарот во Франкфурт, којшто креираше елегантна, луксузна кабина, со висок квалитет на материјали. Купувачите ќе можат да изберат ентериер во една боја (црна) или во две бои (беж и црна), а како опција се нуди кожа во кафена или светло сива боја.

Патниците ќе ги чувствуваат и придобивките од зголемувањето на меѓуоскиното растојание за 80 mm (2,78 метри). Повеќе простор имаи во багажникот, кој е подолг за 87 mm. Соодветно на тоа порасна и зафатнината од 515 на 605 литри, при спуштен трет ред седишта. Новиот Kia Sorento отсега се нуди во верзии со пет и со седум седишта. Новитети во системите за асистенција се приказот на возилото од птичја перспектива со помош на четирите камери околу возилото, како и автоматското отворање на задниот капак кога сопственикот ќе се приближи кон возилото со клучот в џеб.

Инженерите постигнаа отпорност на свивање на новата каросерија поголема за 14 проценти во споредба со претходникот, што оди во прилог како на комфорот во возење, така и на безбедноста. Дополнително се користени и нови изолациски материјали за тунелот на менувачот, за 30 проценти подебела изолација на арматурната табла, како и поголеми држачи за моторот и менувачот. Со овие мери е намалена бучноста во кабината до 6 проценти.

На почетокот од продажбата ќе бидат достапни тримотори: 2,4-литарски бензинец со директно впрскување (GDI) и два дизела со зафатнина од 2,0 и 2,2 литри, во дијапазон на моќност меѓу 185 и 200 КС. Во развојот на новата генерација на Sorento се посвети особено внимание на комфорот на подвозјето, стабилноста при високи брзини и степенот на повратна информација во управувањето. Концептот на подвозјето останува ист, со оска со повеќе водилки назад, но тој е темелно преработен, меѓу другото со поголеми држачи за задната помошна рамка, како и со вертикално и зад оската на тркалата поставени амортизери, со што се подобрува контролата на возилото.

Новитети има и во сервоуправувањето. Модулот повеќе не е вграден на столбот на управувачот, туку се наоѓа директно во запчестата летва, што придонесува за попријатно чувство при управувањето и побрзо пренесување на повратната реакција. Значително е зголемен обемот на примена на челик со висока цврстина во конструкцијата на каросеријата, од 24,4% кај актуелниот модел, на 52,7 проценти кај новакот, со што се постигна поголема цврстина, без зголемување на тежината на возилото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Range Rover ја докажа теренската супериорност по „Континенталната Вододелница“

Сите новитети на Kia во Париз (2): Rio